Учениците од прво до четврто одделение од Основното училиште „11 Октомври“ во Скопје денеска не дојдоа на настава. Ваквата одлука е донесена во знак на бојкот поради префрлање на ученик кој претходно бил отпишан од друго училиште поради насилно и проблематично поведение.
Родителите на учениците во ова училиште организираа бојкот, а одлуката беше донесена од Советот на родители. Тие посочуваат дека се плашат дека насилното однесување на ученикот ќе се повтори и во новото училиште.
Ситуацијата се разгорела откако родителите дознале дека ученикот претходно бил отпишан од друго училиште за инцидент во кој следел девојче во тоалет, по што го нападнал.
Наставничката која била сведок на настанот го потврдила инцидентот, по што се презеле мерки за негово префрлање.
Министерството за образование потврдило дека постои препорака од Центарот за социјални работи за префрлање на ученикот во новото училиште.
Родителите најавуваат дека во случај на игнорирање на нивните барања, на бојкотот ќе се приклучат и учениците од петто до осмо одделение.
„Имаме деца кои работат по индивидуална програма, кои што деца со таков статус би дошле физички присутни со деца кои имаат насилно поведение, верувајте дека веќе зборуваме за загрозување на лично здравје, не само на тие ученици, туку и на останатите“, рече Горан Нациќ, претставеник од родителите од училиштето „11 Октомври“.