Крадци ископале бетонски ѕид за да упаднат во продавница за накит во Лос Анџелес, со роба вредна најмалку 10 милиони долари — вклучувајќи часовници, привезоци, златни синџири и други предмети, соопшти полицијата.
Грабежот се случил околу 21 часот и 30 минути во недела во продавницата „Love Jewels“ на улицата Бродвеј, во срцето на областа позната по продавниците за накит, изјави полицаецот Дејвид Куелар од полицискиот оддел во Лос Анџелес, според АП.

Инспекторите ги прегледаа снимките од надзорните камери на кои се гледа како осомничените влегуваат во продавницата преку голема дупка што ја пробушиле од соседната зграда, рече тој.
„Тие копаа низ повеќе слоеви бетон за да стигнат до целта“, рече Куелар.
Осомничените избегале низ истата дупка и тргнале со понов пикап Шевролет. Грабежот не бил откриен додека вработените во понеделникот наутро не пристигнале на работа.
Според првичните проценки, украдени се стоки во вредност од 10 милиони долари, рече Куелар, истакнувајќи дека таа бројка може да се промени. Сопственикот за агенцијата АП изјавил дека загубата била поблиску до 20 милиони долари и дека немаат осигурување. Алармот не се вклучил, а камерите за надзор на продавницата биле исклучени.
Во продавницата во вторникот работниците покриле дупка во ѕидот со метална обвивка, ги поправале другите оштетувања и ги исчистиле превртените витрини и расфрланите кутии. Искршени се два големи сефа, а во нив била целата стока што ја имале во продавницата.
Клиентите и пријателите дојдоа да го изразат своето жалење, а некои дури и побараа да купат нешто.