Владата ќе му помогне на семејството на загинатиот Васко Саздовски, кој настрада вчера во Нови Сад, а помош најави и Општина Куманово.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека Владата ќе му помогне на семејството на Саздовски, кој вчера загина во трагичната несреќа во Нови Сад при уривањето на бетонската натстрешница на тамошната железничка станица.
„Во текот на вчерашниот ден се слушнав и комуницирав со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој воспостави контакт со неговиот српски колега. Работиме и ќе помогнеме се што е потребно за да, колку што можеме да ја ублажиме болката поради овој немил настан“, рече Мицкоски.
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски денеска иницираше вонредна седница на Совет на општина Куманово на која предлага да се донесе одлука за финансиска помош на збратимениот град Нови Сад, поради настанатата несреќа, како и финансиска помош на семејството на загинатиот македонски граѓанин.
Градоначалникот на Општина Куманово во име на граѓаните на Куманово упатува сочуство до семејствата на жртвите, граѓаните на Нови Сад и Р.Србија.
Македонски државјанин на возраст од 45 години е меѓу загинатите во страшната несреќа.