Со супер апликацијата за мобилни услуги ЕЛИ се движиме кон револуционерна демократизација на јавните услуги, вели заменик министерот за дигитална трансформација Радослав Настасијевиќ Варџиски.
Со оваа апликација ќе се отвори можност за воведување на ИД – паричник, дигитална верзија на личните карти и на возачките дозволи со кои граѓаните ќе се идентификуваат при користење на дигиталните услуги преку својот мобилен телефон, а истата ќе биде поврзана и со порталот uslugi.gov.mk – рече Варџиски на состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Македонија и Комитетот на регионите на ЕУ, во рамки на втората тема посветена на „Дигитална транзиција, особено во локалните и регионални јавни услуги“.
Апликацијата ЕЛИ се изработува преку програмата „Дигитална Европа“, за изработка на мобилна апликација за мобилни услуги.
– Формирањето на Министерството за дигитална трансформација е стратешки чекор кој ја потврдува определбата на Владата да ја постави дигитализацијата како еден од своите највисоки приоритети. Нашиот пристап е ориентиран кон потребите на граѓаните и токму затоа со интегриран систем сакаме да го олесниме пристапот на корисниците до онлајн услугите за граѓаните, до информациите поставени на официјалните веб-страни на министерствата и на Владата, како и да ја забрзаме и подобриме размената на податоци помеѓу институциите – рече Варџиски.
Работиме на создавање единствена централизирана и унифицирана платформа на владини веб-страници, додаде тој, кои ќе бидат заштитени преку еден софистициран систем, ќе бидат оптимизирани и со поголема пристапност за лицата со попреченост.
– Наскоро ќе следи и редизајн на порталот uslugi.gov.mk, согласно последните трендови и практики, со тенденција да стане единствена точка помеѓу јавните услуги во државата и граѓаните, а притоа да биде интуитивен и лесен за употреба – истакна Варџиски.
Со отворање на нови центри за услуги на повеќе локации, додаде заменик-миистерот, услугите кои се достапни на порталот uslugi.gov.mk ќе бидат уште поблиску до граѓаните и на дофат на оние кои немаат техничка можност и вештини самите да го користат порталот.