Суд во Нигерија ја отфрли жалбата на Мета против казната од 220 милиони долари што му ја изрече на сопственикот на Фејсбук и WhatsApp федералната комисија за конкуренција и заштита на потрошувачите на африканската земја – за бројни прекршувања на прописите за заштита на личните податоци.
Врз основа на одлуката на судот, Мета ќе мора да плати дополнителни 35.000 долари за покривање на трошоците за првичната истрага за постапките на компанијата, изјави портпаролот на комисијата, Ондаје Иџагву.
Судот утврди дека комисијата правилно идентификувала повеќе дејствија на WhatsApp и Facebook како прекршувања на законот, додаде Иџагву. Мета има рок до крајот на јуни да ја плати казната, пишуваат локалните медиуми.
Нигерија го обвини Мета за кршење на законите за заштита на податоците и правата на потрошувачите на двете мрежи.
Генералниот директор на комисијата, Адаму Абдулахи, рече дека истрагите спроведени во соработка со Нигериската комисија за заштита на лични податоци помеѓу мај 2021 и декември 2023 година откриле „инвазивни практики против субјектите на податоци и потрошувачите“ во Нигерија.
Тој ја обвини „Мета“ за дискриминаторски практики и злоупотреба на доминантната позиција на пазарот, споделување на податоците на Нигеријците без дозвола и лишување од правото да одредат како ќе се користат нивните податоци.
Населената Нигерија имала околу 164,3 милиони претплатници на интернет од март 2025 година, според податоците од Националната комисија за комуникации (NCC).
Апликациите и социјалните мрежи на „Мета“ – WhatsApp, Facebook и Instagram – се сметаат за најпопуларни во земјата.
Овој месец, Европската комисија воведе финансиски санкции врз американските технолошки гиганти „Епл“ и „Мета“ за кршење на правилата за конкуренција. „Мета“ ќе мора да плати 200 милиони евра за кршење на правилата за користење на лични податоци.