По инцидентот за време на вчерашната прослава на Денот на албанското знаме во центарот на Скопје, кога граѓани го искинаа националното знаме, денеска пратеници и функционери на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) започнаа иницијатива на социјалната мрежа Фејсбук, објавувајќи профилни фотографии со македонското знаме.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја замени заднинската фотографија на својот профил на Фејсбук со фотографија од македонското знаме.
На истиот чекор се одлучија и неодамна избраните потпретседателки на партијата, Каја Шукова и Кристина Косотова, како и пратениците Оливер Спасовски, Благој Бочварски и Јована Тренчевска, кои ги променија своите профилни и заднински фотографии со слики од македонското знаме.
Новоизбраниот потпретседател на СДСМ, Методија Илиевски, исто така, ја замени заднинската фотографија со македонското знаме, а слична промена направи и пратеникот Јован Митрески.
Иницијативата наиде на широка видливост на социјалните мрежи, каде што функционерите на СДСМ упатија симболична поддршка за македонското знаме како државен и национален симбол.
Од ВМРО-ДПМНЕ утрово обвинија дека вчерашното дивеење по скопските улици било смислено сценарио на СДСМ и на ДУИ.
– Дали наместо протести кои ги најавуваше ДУИ добивме црно сценарио за провокации и етнички немири? Токму на ова предупредуваше и премиерот Христијан Мицкоски кога кажа дека има уфрлено групи за провокација кои се со тесни врски со политички центри. Дали навистина мислат ДУИ и СДСМ дека преку газење на македонското знаме, пукотници и блокирање на градови ќе дојдат на власт? Зошто се толку многу исплашени? Дали вака мислат дека ќе се спасат од соочување со правдата? Дали ДУИ и СДСМ поради тоа што се немоќни и немаат поддршка за протести решија на овој начин, преку етнички провокации да се наметнуваат во јавноста? ВМРО-ДПМНЕ остро и недвосмислено ги осудува сите инциденти во текот на вчерашниот ден. Бараме од органите на прогонот да покренат постапки и со најстроги мерки и одлуки да се пристапи кон примена на законот – рече Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.