Поранешните функционери на СДСМ полека но сигурно се изјаснуваат што мислат за „новото“ раководство на СДСМ кое си го оформи Филипче.
Поранешниот пратеник и градоначалник на Скопје, Петре Шилегов не го крие незадоволството од новото раководство на СДСМ. Преку песната „Во бестрага“ реши да ѝ честита на партијата за новите кадри кои ги избрала.
На првата седница на новиот Централен одбор на СДСМ вчеравечер за нови потпретседатели на партијата беа избрани поранешната министерка за животна средина Каја Шукова, професорката од Правниот факултет во Скопје Ана Чупеска, Методија Илиевски, член на Советот на општина Битола и Кристина Костова од Штип, член во Централниот одбор во СДСМ.
За генерален секретар е избран Александар Димитријевиќ, а за организациски секретари Љупчо Пармаковски од СДСМ Центар и Мартин Костовски пратеник во Собранието.
Состанокот помина во одлична атмосфера со многу енергија и ентузијазам кај новите членови на Централниот одбор. Се избра новото партиско раководство, членовите на Извршниот одбор. Во партијата вечерва избравме луѓе кои имаат нови сили, личен интегритет, многу знаење, искуство во своите области на делување коишто верувам дека со сета сила и знаење ќе се вложат во периодот којшто следи, рече Филипче на прес-конференција.