Градоначалникот на Кочани Венко Крстевски во објава на Фејсбук открива дека медицински лица од ЈЗУ Општа Болница Кочани добиле намалена плата поради користење на боледување и покрај тоа што кобната ноќ на 16 март кога се случи катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ тие спасувале животи.
Според градоначалникот, во кочанската болница нема елементарни услови и нема опрема, а има страшно нарушени меѓучовечки односи поради разместувања во рамките на самата институција. Впрочем, Крстевски на Фејсбук ги коментираше целокупните состојби во градот кој е во огромна тага и црнило, но и нефункционалност од сите аспекти.