Стефан Ристовски, капитен на фудбалската репрезентација на Македонија по повлекувањето на легендарниот Горан Пандев, е пред враќање во националниот тим во кој реши да не игра додека селектор е Благоја Милевски.
Откако новоизбраниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, стави на знаење дека Милевски останува на кормилото, сега заедно со новиот директор на сите македонски селекции Пандев прават напори да ги вратат и Ристовски, и Аријан Адеми за мартовскиот старт на мундијалските квалификации.
Во прилог на таквиот епилог оди и објавата на Ристовски на Инстаграм со заедничка фотографија со Адеми од тренинг во црвено-жолтиот дрес.
Десниот бек и капитен на Динамо Загреб, кој настапи на историското за Македонија Европско првенство 2021, до кавгата со Милевски одигра 82 натпревари и постигна два гола за „црвено-жолтите“.