Чаби Алонсо ќе биде новиот тренер на Реал Мадрид. Ова е веста која веднаш го обиколи фудбалскиот свет откако шпанскиот весник „Марка“ објави дека договор е постигнат и многу брзо ќе биде официјализиран. Баскискиот стратег, кој направи сензационален успех со Баер Леверкузен, ќе потпише тригодишен договор до 2028 година со „кралскиот клуб“.
Според информациите, Реал ќе мора да ја плати откупната клаузула на Алонсо, бидејќи неговиот договор со германскиот клуб важи до 2026 година. И покрај тоа, „Марка” тврди дека договорот веќе е „запечатен“, а Алонсо ќе се врати во клубот каде што како фудбалер освои Лига на шампиони и остави длабок печат.
Со оваа одлука, Реал Мадрид подготвува генерациска смена на клупата, бидејќи актуелниот тренер Карло Анчелоти ќе замине по завршувањето на сезоната. Последниот натпревар на Италијанецот на чело на „кралевите“ ќе биде на 25 мај против Реал Сосиедад, натпревар во кој се очекува да добие големо испраќање од публиката на „Сантијаго Бернабеу“.