ADIN 760.00 1.20%

ALK 18,161.66 1.69%

GRNT 1,250.12 0.01%

KMB 12,896.69 1.43%

MPT 73,300.00 0.27%

OKTA 3,750.00 -0.26%

RMDEN20 99.90

STB 1,499.61 -0.03%

STIL 95.00 -5.00%

TETE 2,350.00

TNB 28,001.00 0.11%

TTK 1,346.44 -1.65%

страна.мк

10:41 PM 3/28/2024 Времето во Скопје: 14°C

Менкиноски: Русковска лаже дека белешката од АНБ не била доказ за притворот за Камчев (ВИДЕО)

страна.мк

09/05/2021

Менкиноски: Русковска лаже дека белешката од АНБ не била доказ за притворот за Камчев (ВИДЕО)

Јавната обвинителка за организиран криминал Вилма Русковска не ја кажува вистината кога вели дека фамозната белешка која протече од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) не е доказ во постапката во која е притворен бизнисменот Јордан Камчев, рече адвокатот Тони Менкиноски на денешната прес-конференција, додавајќи дека предметот за незаконито лишување од слобода на Камчев е веќе предмет на опсервација и разгледување на повеќе меѓународни ентитети на Советот на Европа, чиј мандат е заштита на основните човекови права.

– Ова е една голема лага, а за да се уверите во тоа погледнете ги решенијата на Судот со кои е ограничена слободата на Јордан Камчев, каде што експлицитно еден и единствен доказ е белешката на АНБ. Ние не знаеме дали ги има исплашено содржината на белешката, па сега се обидуваат да лажат дека истата не е доказ во постапката, а како што знаеме и како што виде македонската јавност, белешката е празна и не содржи ништо. Да напоменеме, согласно со македонското позитивно право или поточно со член 43, став 2, од Законот за АНБ, забрането е податоците од АНБ да се користат како докази во кривична постапка. Укажуваме на ова противправно и незаконито дејствување на АНБ и на јавниот обвинител. Но, ниту судијата на претходна постапка, ниту Кривичниот совет, ниту Апелационен суд не сакаат да обрнат внимание, и оваа белешка ја сметаат за единствен доказ во нивните одлуки. Зошто Јордан Камчев бил предмет на обработка на АНБ? Законските овластувања на АНБ се предвидени во Законот за АНБ, а согласно своите надлежности утврдени во истиот закон, Агенцијата собира, обработува, анализира, проценува, разменува, чува и штити податоци со цел откривање и спречување на активности што се поврзани со безбедносни закони и ризици за националната безбедност на државата, а тоа е шпионажа, тероризам и негово финансирање, насилен екстремизам и други активности поврзани со безбедносни закани и ризици на националната безбедност на државата, односно дела кои ја загрозуваат националната безбедност на државата, рече Менкиноски.

Тој го постави прашањето дали Јордан Камчев претставува закана по националната безбедност, оти, како што додаде, дури и да ги добиле овие информации, во АНБ имале должност овие сознанија да ги поткрепат со докази кои ќе ги обезбедат преку барање до Врховниот суд да дозволи ПИ мерки за следење на лицето, или, пак, преку оперативно следење.

– Спротивно на тоа, тие без обезбедување докази ја дале оваа информација до јавниот обвинител Лиле Стефанова. Чиста злоупотреба на службената положба на АНБ, а за тоа некој ќе мора да сноси одговорност. Кривична одговорност постои и за јавната обвинителка Стефанова, која врз основа на напишани и непотврдени сознанија без обезбедени докази предложила мерка притвор. Кривична одговорност и за судијата на претходна постапка кој ја одобрил мерката притвор без да има докази за тврдењето дека Камчев подготвува бегство. Кривична одговорност и за судиите од Кривичниот совет кои по истиот скандалозен основ ја продолжија мерката притвор, посочи Менкиноски.

Адвокатот истакна дека белешката од АНБ сè уште не е доставена до одбраната.

– Се имаме обратено до АНБ, до Судот и до Врховниот суд, но досега никој не ни одговорил. Иако според Законот за кривична постапка, член 70, Судот и Обвинителството се должни да ги презентираат доказите врз основа на кои ја изрекуваат мерката притвор, но тоа досега не е направено. Дури и да се работи за класифициран документ и службена тајна, тие се должни да ги презентираат истите откако адвокатот и одбраната им презентираат безбедносен сертификат. Собраниската комисија ја има одржано нејзината седница, но сè уште немаме добиено известување за декласификација на белешката. Зошто АНБ не ја дава на увид оваа белешка и доказите кои ги прибавиле до Собраниската комисија за надзор на работата на АНБ? Пратениците биле известени дека причина за тоа е бидејќи истрагата сè уште е во тек, а тоа е уште една ноторна лага на директорот на АНБ, бидејќи истрагата е веќе завршена, објасни Менкиноски.

Тој додаде дека одбраната бара фер постапка пред објективен и непристрасен суд во Македонија, каде што низ аргументи и докази ќе се докаже дека Јордан Камчев не е виновен и дека се работи за процес со кој некој сака да му наштети на неговиот углед и репутација како истакнат стопанственик.