Американецот Тим Кинг од државата Илиноис неодамна, додека ја реновирал својата куќа, пронашол подарок што му бил наменет за Божиќ пред 46 години, јавуваат денеска американските медиуми.
Подарокот бил зад преградниот ѕид во бањата, а бил завиткан во хартија со ликовите на Дизни, пишува New York Post.
Кинг објави видео од необичното откритие за подарок што го направи неколку дена пред овој Божиќ додека им помагаше на своите родители да го реновираат нивниот дом.
Видеото објавено на Инстаграм на 27 декември собра 37.000 лајкови, на кое се гледа како Кинг, кој сега има 53 години, го одвиткува подарокот – комплет за авиони за играчки од 1970-тите.
Кинг рече дека верува дека подарокот бил купен во 1978 година кога имал шест години и дека неговите родители го сокриле на таванот, каде што паднал зад преградниот ѕид во бањата.