Во главниот град Ријад во Саудиска Арабија се гради огромен облакодер. Однадвор ќе изгледа како камен блок висок 400 метри. Но, што ќе има внатре? Внатре ќе има облакодер. Облакодер во коцка.
Проектот Мукаб ќе понуди површина од два милиони квадратни метри и модерен амбиент за забава, релаксација, шопинг и кулинарски искуства.
Завршувањето на првата фаза е планирано за 2030 година. Во тек се првичните работи. Пред девет дена беше објавено дека се завршени 86 отсто од потребниот ископ за темелите и отстранети се 10 милиони кубни метри земја.
Облакодерот во форма на коцка, висок 400 метри, може да собере 20 згради како Емпајер Стејт Билдинг. Планирано е да стане најголемата зграда што некогаш ја направил човекот.
Ќе има три пати повеќе употреблив простор во споредба со најголемиот светски деловен комплекс, индискиот центар за трговија со дијаманти, Surat Diamond Bourse во Гуџарат. Тој центар има површина од 660.000 квадратни метри. Тоа ќе биде и првиот целосно затворен облакодер во светот.
Објектот ќе биде лоциран во новиот дел на саудиската престолнина Ријад – Нова Мураба. Планирано е да биде новиот центар на главниот град.
Овој проект го најави лично престолонаследникот Мохамед бин Салман во февруари минатата година. Тој е и претседател на одборот на директори на компанијата New Murabba Development, која ќе ја реализира изградбата.