Зајас е мало место и нормално дека го знам Ислам Абази, вели бизнисменот Дрин Ахмети за фотографијата на која се неговиот татко и обвинителот за организиран криминал. Тој во интервјуто за „Република“ вели дека неговиот чичко Али Ахмети не му помага воопшто во бизнисите.
Бевте до јавното обвинителство да дадете изјава. Со оглед на тоа дека против вас се водат две постапки во обвинителството, дали сведочевте за двете обвинителства, и за обвинителството за организиран криминал и за јавното обвинителството?
Ахмети: Не. Во врска со обвинувањата на Соравија, јавниот обвинител никогаш не побарал дададам исказ. Никогаш не сум имал каква било покана од нив. Ова беше покана за предметот за концесијата на компанијата „Еверест“, при што на јавниот обвинител му ги дадов исплатите што ги извршивме, значи исплатите што ги направиле, вклучувајќи ја и каматата што е платена за доцнењето со исплатите. Причината за доцнењето со исплатите, а ние и оваа година доцниме, е, ако погледнете надвор, гледате дека има снег. А ние треба да одиме токму сега на терен за да ги извршиме мерењата. Законот вели дека на 31 декември треба да ја затворите годината и треба да ги имате готови мерењата. Но, ниту еден геодет не може да оди таму да мери во моментов. Ова е техничко прашање. И секоја година од кога сум на чело на „Еверест“ ние доцниме, плаќаме во февруари, во март, не ме земајте на збор, но секогаш доцневме поради оваа причина. Бидејќи рудникот кој го работиме, каменоломот е на надморска височина од приближно 1.200 метри. Така да, поради таа причина, таму секогаш има снег во овој период од годината и тешко е да се изврши мерењето.
Сѐ уште имате концесија за рудникот, за минералите?
Ахмети: Да, имаме концесија, работиме и таму се вработени луѓе.
Дали очекувате да бидат покренати обвиненија против вас?
Ахмети: Па не знам, тоа треба да го кажат институциите. Јас им кажав што знам, сведочев за она што го знам, за што бев свесен. Им објаснив дека ова е темелен процес кој вклучува многу луѓе. Ова го вклучува нашиот инженерски кадар, вклучува други ангажирани консултанти кои работат со нас во согласност со законите за минерали. Значи, тоа не е само моja работа, многу луѓе се вклучени. Имаме многу луѓе ангажирани да го следат законот, имаме адвокати, имаме сметководители, сè што треба. И самите ги поканивме институциите да видиме дали сме направиле некакви прекршоци. И тоа е се во таа приказна. Чекаме одлука од обвинителите
Дали ја знаете оваа фотографија, ги познавате овие луѓе?

Ахмети:Да, ги знам.
Дали верувате дека е можна непристрасна истрага против вас кога има фотографија од обвинителот за организиран криминал Ислам Абази со вашиот татко?
Ахмети: Ајде накратко да објаснам. Го познавам таткото на Ислам Абази, професорот Асан Абази. Тој е наставник по историја во средното училиште во Зајас, беше професор, сега е во пензија. Јас го познавам неговиот татко. Зајас е мало место, веројатно 4.000 луѓе живеат таму. Можеби 4 или 5 илјади луѓе, не ме земајте за збор. Веројатно бројот на постојани жители е уште понизок. Не ме земајте за збор. Таму сите се познаваме. Сите знаеме еден за друг. И не мислам дека господинот Абази како обвинител е директно ангажиран во ниту еден мој предмет. Но, згора на тоа, господинот Абази го немам сретнато од почетокот на истрагата. Ниту татко ми го сретнал, колку што јас знам, ниту некој од моето потесно семејство. Значи, сите се познаваме, мала држава сме. Кој и да е човекот, многу лесно можеш да го најдеш во Македонија. Ние не сме држава од 20 милиони луѓе.
Дали сте семеен пријател со обвинителот Абази?
Ахмети: Не, не, тоа беше настан, затоа што татко ми, тој седи таму е затоа што на тој настан имавме собрани 40 или 50 луѓе, а татко ми сака народна музика. Тој имаше покането неколку пејачи таа вечер, и има и видеа од тој настан. Ние славиме семејна пригода. Значи, така, тој ни е познат, го знам, сум го сретнал можеби 4 или 5 пати во животот, но никогаш не сум го прашал ништо.
Има информации дека сте патувале заедно со г. Абази.
Ахмети: Јас? Никогаш во мојот живот. Никогаш во животот не сум бил во кола со него. Кажете слободно кој ден било тоа, не било никогаш.
Овде сме во зградата на Соравија. Кој е нејзиниот вистински сопственик? Дали е Хано Соравија, ти или Ник Наџар Мехмети?
Ахмети: Ниту еден од нас.
Ниту еден? Значи работите се доста комплицирани.
Ахмети: Да, комплиирани се. Бидејќи во Македонија луѓето мислат дека секоја трансакција е толку проста, одите некаде како да купувате некоја мала продавница за слатки, плаќате и ја земате тапијата. Големите бизниси не функционираат на тој начин. Тоа е друга структура. Засега тапијата му припаѓа, и понатаму е на г-динот Хано Соравија. Но ние работиме на договор. Извршивме плаќања кон него и тоа е прашање на процедура, прашање на време на обработка на договорот од различни јурисдикции кои се вклучени во зделката и за неколку недели таа ќе биде затворена и ќе има нов сопственик. Овој сопственик е фонд. Тоа ќе биде структура наречена „Гондолинг капитал“, која е основана од мене, но има многу инвеститори, вклучително и институционални инвеститори. И тоа е целата приказна.
Дали г. Мехмети е поранешен финансиер на УЧК?
Ахмети: Не, не сум свесен за тоа.
Дали знаевте дека тој поседува стриптиз барови во Далас, САД?
Ахмети: Не знам за тоа. Никогаш не сум ги видел, не знам, никогаш не сум го прашал за тоа, бидејќи тоа се чувствителни работи и не сакам да ги прашувам луѓето нешто што можеби се чувствуваат непријатно да го споделат. Но, тој ми даде негова проверка извршена од страна ФБИ – и е 100 проценти чист, без обвиненија за ништо, без недозволени активности.
Тој нема проблеми со законот во САД?
Ахмети: Не, апсолутно не. Тој е на суд, сите во САД се постојано на суд, но нема незаконски активности, тој не е кривично обвинет за ништо. Имам проверка на неговото минато.
Како влеговте во заедничка инвестиција со господинот Мехмети?

Ахмети: Лесно беше, тоа беше преку моите врски во Сенатот на Тексас. Еден Американец ме запозна со него. Не сакам да кажам кој, но еден американски политичар не запозна. Тој ни рече, вие сте од Македонија, имаме некој што е од Македонија во Далас. Праша дали би сакал да го запознаам.
Велите дека сѐ е чисто?
Ахмети:100 проценти. 100 проценти. Ако има нешто… до денес тој е 100 проценти чист затоа што ги имам неговите проверки. А и тој има моја проверка. Но, не знам што може да се случи утре. Никој не знае. Затоа не се прават статуи за живите луѓе, затоа што не се знае како ќе завршат. Но, до сега, тој е 100 проценти чист.
Повеќе на Република