Европската централна банка денеска одлучи да намали три клучни каматни стапки за 25 базични поени.
Од 23.10.2024 година, каматната стапка на депозитните капацитети ќе се намали на 3,25 отсто, на операциите за главно рефинансирање на 3,40 отсто, додека каматната стапка на маргиналната кредитна линија ќе биде 3,65 отсто.
Според Европската централна банка, информациите покажуваат дека процесот на дезинфлација е на добар пат.
„Инфлацијата се очекува да расте во наредните месеци, пред да падне на целното ниво во текот на 2025 година. Домашната инфлација останува висока, бидејќи платите продолжуваат да растат со висока стапка. Во исто време, притисоците врз трошоците за работна сила ќе продолжат постепено да се намалуваат, а профитот делумно ќе го ублажи нивното влијание врз инфлацијата“, се вели меѓу другото во соопштението на ЕЦБ.
Европската централна банка, како што се наведува, е решена да се погрижи инфлацијата навремено да се врати на среднорочната цел од два отсто, па „ќе ги одржува референтните стапки доволно рестриктивни онолку долго колку што е потребно за да се постигне оваа цел. “