Првоаприлска шега е веста дека некои познати винари од Бургундија, поточно од регионите Шабли и Монтраше во Франција, наместо со сопствено произведено вино, шишињата ги полнат со смедеревка увезена од Македонија. Веста утрово ја објави српскиот портал Вино и фино, а ја пренесоа повеќе српски и македонски медиуми.
Попладнево порталот објави дека се работи за првоаприлска шега.
„Апри-ли-ли-ли! Смедеревката, сепак, не се продава како шардоне. Веста дека вината од Македонија се продаваат под етикетите на премиум шардоне од Бургундија, се разбира, е безопасна првоаприлска шега. Веста што ја објавивме утрото, на 1 април, за тоа дека некои винари од Бургундија, поточно од Шабли и Монтраше, наместо со нивно вино, полнеле шишиња со македонска смедеревка – е само првоаприлска шега. Дека го погодивме центарот на целта говори фактот што многу регионални медиуми доста сериозно ја објавија оваа вест. Со голема радост сакаме да ги информираме нашите колеги во медиумите дека честа на виното од Бургундија и на нашиот драг сосед, Северна Македонија, е целосно зачувана. Не знаеме ниту една винарија која се занимава со такви активности. Не веруваме дека познатите куќи Шабли и Монтраше воопшто би се занимавале со такви практики, ниту пак дека смедеревка, макар и забарикадирана во француски буриња, некогаш би можела да помине како шардоне на непцето и на носот на познавачите“, пишува српскиот портал за вино.
Не постои винарска визба „Газда Ѓоко“ во Мрзенци, се додава.
„Нема ниту енолог Теле Репомаш (читај го ова име на глас). Целата приказна, од почеток до крај, е плод на нашата имагинација. Доколку сме покренале сомнеж за квалитетот и автентичноста на врвните вина од Бургундија, сакаме уште еднаш да ве увериме дека барем во однос на автентичноста и колку што знаеме, засега сè е во најдобар ред“, пишува порталот.