Претседателката Гордана Силјановска го прими повеќекратниот светски шампион Анди Исмаили.
Прекрасна средба со извонредниот, вонсериски талентираниот млад танчер Анди Исмаили, кој со својата уникатна, импресивна и маестрална игра го освојува светскиот модерен танцов подиум, прославувајќи ја Македонија, пишува претседателката за средбата со Исмаили кого таа го поддржуваше и пред да стане шеф на државата.
,,Нема прво место што не го освоило ова момче. Со само 16 години тој е петкратен светски шампион во танцување, што е потврда за неговата исклучителна дарба, совршена креативност, заразна емоција, врвна музикалност и неповторлива елеганција.
Неговите успеси на неодамнешното Светско првенство во Полска, крунисани со златен и сребрен медал нè прават горди што е еден од нас и сè уште со нас.
Но, светските дострели бараат посебно разбирање, нега и грижа за овој посебен млад човек. Ние сме должни да најдеме системски решенија за континуирана поддршка на младите таленти во различни области, како најголеми промотори на културната дипломатија.

Достигнувањата на Анди се високи колку и Андите и тие ја позиционираат Македонија на светската мапа на уметноста, го стимулираат и гарантираат неговиот понатамошен успех, но и инспирираат многу млади, дома и надвор.
Анди е пример и доказ дека нема неостварливи соништа за талентираните каде и да се.

Посакувам да ја согледаме неговата светски признаена вредност, да ја поддржиме неговата извонредност и да сфатиме дека неговата победа е и наша”, напиша Гордана Силјановска Давкова за Исмаили!