Скопје е меѓу десетте најзагадени големи градови во светот, според листата на IQAir. Во текот на денов, главниот град постојано беше на врвот на листата според штетните честички во воздухот. Најалармантни се бројките на мерната станица во Лисиче.
Со исклучително лоши показатели, со неколкукратно повеќе отровни честички од предвидените на Светската здравствена организација се и Кочани, Струмица, Тетово и Гостивар.
– Имаме акционен план за намалување на загадувањето на воздухот. Еден од проектите е гасификација на урбаните центри, иако неколку пати не успеал, треба да се изврши повторен обид бидејќи има заинтересирани компании кои би го спровеле ова преку јавно-приватно партнерство – изјави министерот за животна средина и вицепремиер Изет Меџити, најавувајќи дека Владата има акциски план за намалување на загаденоста.
Според СЗО, годишно има по седум милиони смртни случаи како последица на загаден воздух, а дури 91 процент од светското население живее во региони каде загадениот воздухот ги надминува пропишаните лимити.