Американската амбасада во земјава будно ги мониторира последните случувања во правосудниот систем и сака да види дека законот се почитува, вели амбасадорката Анџела Агелер, одговарајќи на прашање во однос на најавите за разрешување на државниот јавен обвинител, но и на петмината членови на судскиот совет избрани од Собранието. Агелер сепак не сакаше да го коментира евентуалното разрешување на Коцевски, но посочи дека САД ги следи состојбите во судството.
„Немам коментар. Запознаена сум и го следиме процесот. Според моите сознанија законската процедурата е веќе во тек и секако дека го следиме тоа одблизу. Од блиску го следиме и тој процес. Очигледно е дека со години посочуваме во однос на Судскиот совет, но и за други аспекти на правосудниот систем, постојат законски процедури и според моите сознанија тој процес е во тек и одблиску ги следиме состојбите и сакаме да видиме дека законот се почитува“, рече Агелер.
Во меѓувреме, во министерството за правда веќе се подготвува предлогот за разрешување на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој треба да биде испратен до владата.
„Министерството за правда го подготвува Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител по што ќе го достави до Владата за натамошно процесуирање до Советот на јавни обвинители. Рок за доставување нема“, велат од Министерството за правда.
Откако владата ќе го проследи до советот, членовите ќе имаат две недели рок да изготват мислење, а независно од нивниот став, разрешувањето на Коцевски ќе биде ставено на маса пред пратениците. Токму во законодавниот дом најверојатно кон почетокот на март ќе треба да се одржи и седница за интерпелациите на петмината членови на судскиот совет поднесени од владејачкото мнозинство, но дури и пратениците да ги изгласаат интерпелациите, членовите се тие кои на крај ќе треба да одлучат дали ќе си поднесат оставки и ќе се повлечат од судскиот совет.