Германскиот производител на спортска облека „Адидас“ сака да добие поголем дел од американскиот пазар за сметка на актуелниот лидер на пазарот „Најк“, а успехот на оваа мисија ќе биде клучен за континуираниот успех на баварската компанија.
Многу големи компании не се сигурни во закрепнувањето на побарувачката во Кина и затоа се фокусираат на клиентите од Соединетите држави и ги гледаат како двигатели на нивниот раст во 2025 година.
Аналитичарите на швајцарската банкарска групација UBS предупредуваат дека европските брендови имаат проблем да се етаблираат на американскиот пазар.
Продажбата на Адидас во Северна Америка падна за седум отсто на годишно ниво во третиот квартал од 2024 година, бидејќи сè уште не се опорави целосно од скандалот што доведе до повлекување на неговите патики Yeezy, популарни во САД.
Има надеж за пресврт во американскиот бизнис бидејќи вкупните резултати на Адидас се многу добри, пренесува Ројтерс.
Глобалниот приход од продажба на германската компанија порасна за 19 отсто на годишно ниво во четвртиот квартал од 2024 година и за 12 отсто во целата 2024 година.
Спротивно на тоа, продажбата на Nike падна за девет отсто на годишно ниво во кварталот што завршува на 30 ноември.
„Разликата помеѓу растот на Адидас и Најк во моментов е огромна“, вели Томас Џекел, портфолио менаџер во Union Investment.
Тој очекува приходите на Адидас да пораснат за најмалку 10 проценти оваа година, додавајќи дека САД и поширокиот северноамерикански пазар се „клучно бојно поле“ за германскиот бренд.