Крилото на Алијансата за Албанците предводено од Арбен Таравари најостро реагираше на, како што го нарекоа, „невидено уништување на животната средина“ на планината Кожув, каде компанија во сопственост на Ѓоко Стерјоски – сопственик на мрежата на казина и обложувалници „Спортлајф“ – наводно сече илјадници квадратни метри шума заради приватни бизнис-интереси. Од Алијансата предупредуваат дека оваа активност сериозно го загрозува биодиверзитетот и еко-системот во регионот и ја поткопува квалитетот на животот на локалното население. Посебно остри критики упатија кон министерот за животна средина, Изет Меџити, кого го обвинија за молк и „неприфатливо однесување“.
„Овој молк укажува на политичка и финансиска заробеност и го прави Меџити заложник на индустријата за игри на среќа, неспособен да преземе мерки за заштита на животната средина“, велат од партијата.
Во реакцијата се вели дека ова прашање не е само еколошко, туку и социјално и национално, и се нагласува дека Кожув не е „приватна сопственост за бизнис-интереси, туку заедничко богатство што мора да се заштити од уништување“.
Од Алијансата најавуваат дека во следните денови ќе објават нови податоци за поврзаноста на претставници на коалицијата ВЛЕН со индустријата на казина и ќе продолжат да ја следат темата со цел да се обезбеди институционална и политичка одговорност.