Американските регулатори дадоа зелено светло за продажбата на холивудското студио Парамаунт на Скајденс, продукциската куќа во сопственост на милијардерот Дејвид Елисон. Трансакцијата е проценета на осум милијарди долари и доаѓа по приближно една година откако зделката беше првично соопштена во јавноста.
Федералната комисија за комуникации (ФЦЦ), која мораше да ја одобри трансакцијата поради тоа што Парамаунт е сопственик на радиодифузерот Си-Би-ЕС (CBS), даде дозвола за преземањето и покрај претходните политички пречки.
Еден од тие пречки беше и тужбата од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој го обвини Си-Би-Ес за неправедно монтирање на интервју со тогашната потпретседателка Камала Харис. Трамп тврдеше дека сегментот бил обработен со цел да се прикрие слабиот одговор на Харис. Си-Би-Ес ги демантираше обвинувањата, објави целосен транскрипт и постигна спогодба од 16 милиони долари со Трамп, што беше протолкувано како чекор за да се расчисти патот за продажбата на Парамаунт.
За време на вториот мандат на Трамп, ФЦЦ, традиционално независен регулатор, беше користен за да се унапредат приоритетите на претседателот. Се тврдеше дека спојувањата во телекомуникацискиот сектор беа одобрени само откако компаниите ги прекинаа програмите за различност и инклузија, кои претседателот на ФЦЦ, Брендан Кар, назначен од Трамп, ги сметаше за дискриминаторски, пренесе ДПА.
ФЦЦ изјави дека новиот Парамаунт „нема да одржува никакви програми за различност“ и наместо тоа ќе назначи внатрешен омбудсман кој ќе ја следи политичката неутралност во период од две години.
Таткото на Дејвид Елисон, Лери Елисон, кој е сојузник на Трамп и технолошки милијардер, е клучен финансиер на оваа аквизиција.