Бели комбиња во раните утрински часови пуштаат цели глутници на кучиња во урбаните средини. Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ предупредуваат дека овие кучиња најчесто не дозволуваат близок контакт, што укажува дека доаѓаат од средини каде што немале човечки контакт или, пак, биле изложени на лош третман.
„Станува збор за кучиња со голем раст, несвојствени за урбаните средини. За нивното заловување и транспорт е потребна опрема, логистика и соодветен транспортен капацитет, што укажува на поголема организирана активност“, велат од „Анима мунди“.
Дополнително, од „Анима мунди“ алармираат дека приватни ветеринарни амбуланти нудат нелегални услуги за дислокација на бездомни кучиња.
„Контактиравме една амбуланта како правно лице и без никаков проблем ни беше понудено кучињата да бидат „однесени доволно далеку за да не се вратат“. Каде завршуваат овие животни?!“, прашуваат од здружението.
Тие бараат итна реакција од институциите:
„Министерството за внатрешни работи да отвори истрага, да прегледа камери и да санкционира вакви случаи. Агенцијата за храна и ветеринарство да ја зајакне контролата врз прифатилиштата и фирмите што вршат заловување. ЗЕЛС да дискутира со општините и да ја спречи оваа пракса на префрлање на проблемот наместо спроведување на програмата „Залови, стерилизирај, вакцинирај и врати“, потенцираат од „Анима мунди“.
Од Здружението нагласуваат дека проблемот нема да се реши со прикривање, туку со доследно спроведување на хуман третман на бездомните кучиња.