Откако вчера испрати неколку писма Емануел Макрон, Бајрам Бегај, Еди Рама, Вјоса Османи, Албин Курти, Урсула фон дер Лајен, Олаф Шолц, Ентони Блинкен, лидерот на ДУИ му испрати писмо и на македонскиот премиер Христијан Мицкоски во коe го предупредува дека секое нарушување на меѓуетничките односи би имало последици…
„Ви се обраќам во исклучително чувствителен период за нашата земја“, пишува Ахмети во писмото чија содржина ја објавуваме во целост.
„Геополитичката состојба е поопасна од кога било од крајот на минатиот век, со ескалацијата на руската агресија во Украина, амбициите на Кина, сложената ситуација на Западен Балкан, нестабилноста во Босна и Херцеговина, тензиите меѓу Косово и Србија, како и континуираните блокади од страна на Бугарија.
Во оваа комплицирана средина, секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливост.
Последните одлуки на Уставниот суд, кои изгледа дека се извршување на програмата на вашата партија за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците, предизвикаа загриженост кај сите граѓани кои се посветени на градењето на подобро одржливи меѓуетнички односи во С* Македонија.
Охридскиот договор, кој донесе подобро меѓуетничко разбирање, не е само политичко прашање, туку е темел на нашата мултиетничка демократија, стабилност и демократски напредок. Секој обид за негово доведување во прашање, особено во актуелниот контекст, е чекор кој може да ја влоши состојбата во земјата и во регионот.
Одлуките за измена или ревизија на Законот за употреба на јазиците, кој е клучен елемент на Охридскиот договор, не се само политички контроверзни, туку и штетни за напредокот и соработката меѓу заедниците. Ова е развој што може да ги поткопа придобивките стекнати со значителен труд и да ја врати земјата во периоди на несигурност.
Затоа, ве повикувам да размислите со зрелост и одговорност за овие одлуки кои имаат потенцијал да ја нарушат мултиетничката кохезија во С* Македонија. Иднината на нашата земја треба да се гради врз основа на соработка и заемна почит, а не врз поделби. Секој чекор што ги нарушува овие основи е штетен за иднината на нашата земја и за сите нејзини граѓани, без разлика на етничката припадност’ пишува лидерот на ДУИ, Али Ахмети.