Новите производители на струја од обновливи извори на енергија ќе имаат обврска за складирање струја, а иста таква обврска има и државната енергетска компанија ЕСМ.
Новиот Закон за енергетика предвидува дека „електроцентралите кои користат варијабилен обновлив извор на енергија имаат обврска во склоп на електроцентралата да инсталираат складиште на електрична енергија со инсталирана моќност еднаква на 20 отсто од инсталираната моќност на електроцентралата изразен во MW. Капацитетот на складиштето мора да обезбеди циклус на полнење и празнење од минимум два часа со максимална инсталирана моќност на складиштето“.
Складирањето струја се гледа како решение за надминување на сегашните проблеми кои се појавуваат во текот на денот кај производителите на струја од соларните електрани. Вишокот струја веќе предизвика проблеми во претходниот период, а надлежните институции донесоа и одлука за исклучување на соларните електрани, по потреба, во период од мај до октомври.