Фудбалската репрезентација на Македонија ќе го дочека септемвриското продолжение на квалификациите за Светското првенство 2006 како лидер во групата Ј благодарејќи на победата на Белгија од 4:3 против Велс во Брисел.
На половина од квалификациите избраниците на селекторот Благоја Милевски се на врвот на табелата со 8 бода, еден повеќе од Велс, Белгија има 4 од два натпревара, Казахстан 3 од три меча, а Лихтенштајн е без бодови од три средби.
На 7 септември од 18 часот „црвено-жолтите“ ќе го пречекаат Лихтенштајн, Белгија ќе му биде домаќин на Казахстан, а три дена претходно Казахстан ќе му биде домаќин на Велс и Лихтенштајн на Белгија.
Белгијците водеа со 3:0 со головите на Ромелу Лукаку од пенал во 15. минута, на Јури Тилеманс четири минути подоцна и на Жереми Доку во 27. минута.
Но, Велшаните стигнаа до израмнување со погодоците на Хери Вилсон во седмата минута од судиското продолжение на првото полувреме, на Зорба Томас во 51. минута и на Бренан Џонсон во 70. минута.
Во 81. минута му беше поништен голот на Лукаку поради аут во почетокот од акцијата, за триумф и три бода на домаќинот да му донесе Кевин де Брујне две минути пред крајот.