На Тихомир Стојановски, професорот на Факултетот за драмски уметности во Скопје, вчера му бил забранет влезот во Бугарија. Од документите што ги добил, може да се заклучи дека, според бугарските власти, тој претставува закана за безбедноста на оваа држава.
Стојановски имал намера да присуствува на собирот на Македонците во Мелник пред споменикот на пиринскиот цар Јане Сандански во организација на македонската партија ОМО Илинден, објави МКД.Мк
Стојановски вели дека често патува во Бугарија, дека повремено учествува на собирите на Македонците во оваа држава, држи говори на овие собири, но никогаш и никаде не кажал дека Бугарите не постојат или пак искажал некакви територијални претензии.
„Напротив, сите мои говори се однесуваат на почитувањето на човековите права на Македонците во Бугарија, на заедничкото живеење, на меѓусебното почитување, на отворени граници. Некои велат дека ова е одговор на забраните за влез во Македонија за некои бугарски државјани, но тие луѓе јавно изјавуваат дека нема Македонци, дека не постои македонската држава, дека сите сме Бугари…. Јас тоа никаде не сум го рекол“, вели Стојановски во изјавата за МКД.мк.
Тој добил и два документа во кои пишува според кои членови на бугарските закони е изречена забраната.
На својот фејсбук-профил Стојановски јавно се обраќа до Министерството за надворешни работи на Македонија, до македонскиот премиер, со Советот на Европа и до бугарските политичари и вели дека не се дозволува културна размена меѓу Македонците во Македонија и Македонците во Пиринска Македонија, Бугарија.
„Ми удрија печат со забрана чкртнат со фломастер. Имало допис од државна безбедност дека сум закана за безбедноста за Р. Бугарија. Ми дадоа да потпишам два документа и ме вратија назад, со зборови дека имам забрана за влез во нивната земја“ вели Стојановски кој вчера беше вратен од Граничниот премин Деве Баир Ѓуешево.