Биткоинoт падна под 100.000 долари за првпат од мај, а етер нагло се намали, откако претседателот Доналд Трамп изјави дека американски бомбардери ги нападнале трите главни нуклеарни постројки на Иран.
Најголемата криптовалута по нападите падна до 98.904 долари, што е намалување од 3,8 отсто, до 12:05 часот по локално време во Њујорк. Етер, вториот по големина токен, се намали за 10 отсто до околу 2.157 долари, што е најниско ниво во текот на еден ден од 8 мај.
„Пазарите со загриженост ги следат тековните геополитички случувања,“ рече Каролин Морон, коосновач на „Орбит маркетс“ (Orbit Markets), компанија за ликвидност на криптодеривати. Таа додаде дека фокусот на пазарите ќе биде главно на нафтата кога ќе се отворат традиционалните пазари.
Најновите загуби доаѓаат откако Трамп изјави дека иранските локации Фордо, Натанц и Исфахан биле погодени во операцијата, конкретно опишувајќи „товар од БОМБИ“ фрлен врз Фордо – клучна локација за збогатување на ураниум, која предизвика меѓународна загриженост дека Иран се подготвува да создаде нуклеарно оружје.
„Неизвесноста околу тоа дали САД ќе го нападнат Иран предизвика распродажба во текот на неделата и за време на викендот“, рече Космо Џијанг, генерален партнер во „Пантера капитал“ (Pantera Capital Management).
Вкупната ликвидација на крипто-облози во последните 24 часа надмина милијарда долари, со околу 915 милиони долари во долги позиции и 109 милиони долари во кратки позиции, според податоци од „Коинглас“ (Coinglass).
Џијанг рече дека Биткоин „има тенденција да го води пазарот при закрепнување“ во времиња на геополитичка неизвесност.