„ЕОС матрикс“ ја претстави иновативната апликација „My EOS“. Оваа нова дигитална алатка овозможува корисниците да управуваат со својата финансиска состојба на лесен, достапен и сигурен начин, велат од компанијата која откупува побарувања.
Финансиската писменост на голем дел од граѓаните е многу ниска. Некои воопшто не се свесни какво задолжување направиле, порачува Катерина Бошевска, генерален директор на „ЕОС Матрикс“ за Македонија. Ова е единствената компанија што откупува побарувања, главно од банките, но и од Телеком, осигурителни компании, како и од две микрофинансиски институции што даваат брзи кредити.
– Нашиот обемот на работа се зголемува, тоа значи дека имаме повеќе отстапени побарувања. Тоа е подобра шанса за тие што должат. Барем престануваат да им течат трошоците, затезната камата. Но, наплатата не е на задоволително ниво. Најлесно е со наплатата на побарувања преземени од банки, а најтешки за соработка се клиентите од микрофинансиските институции. Таму приказната има две страни. На пример, должникот ќе каже, па јас земав 1.000 евра кредит, како сега станал 2.000? Ние вршиме наплата на долгот каков што сме го преземале, а таму пишува дека е 2.000 – вели Бошевска. Таа посочува дека регулативата во Европската Унија е поинаква за микрофинасиските друштва и смета дека и ние треба да ја усогласиме.
– Ние нудиме решенија како да се затворат долговите. Во таа насока развивме платформа „Мој ЕОС“, на која може да влезат сите оние што имаат некој долг преземен од нас. Но, и ако не влезат, тоа е знак дека немаат таков долг. Со влезот, пак, може да направат план за враќање на долгот и да ги следат отплатите – посочи директорката на денешнаат промоција на Платформата.