На Балканското првенство во атлетика во сала кое се одржа во Белград, македонскиот репрезентативец Андреас Трајковски во скок во далечина освои бронзен медал со прескокнати 7 метри и 63 сантиметри.
Андреас уште во првата серија со скок од 7.57 метри ја зазеде третата позиција и во третата серија го подобри резултатот на 7.60 метри, но во четвртата серија Никита Маслук од Украина прескокна 7.61 метар што значеше дека во тој момент Андреас го изгуби бронзениот медал.
Но, во петтата серија Андреас успеа да прескокне 7.62 метри, а бронзениот медал го потврди со неговиот најдобар скок во последната серија од 7.63 метри.
Златниот медал го освои Божидар Сарабујуков од Бугарија со скок од 8.12 метри, додека среброто му припадна на Данио Дубина од Украина со скок од 7.92 метри.
Ова е трет медал на Андреас Трајковски за Македонија од Балканските првенства во сала. Во 2022 година освои исто така бронзен медал, а во 2024 освои сребрен медал во скок во далечина.