Во Скопје и Охрид, бурекот е најскап, а во градовите во источниот дел е најевтин, покажува анализата на Фактор.мк.
Порталот пишува дека, според бурекџилниците, посебно во градовите каде нема туризам, за народот е скапо за цело семејство да купат бурек и јогурт за појадок. Од град до град, цените варираат, од 60 денари до 110 денари за четврт бурек. Од бурекџилниците додаваат дека купувачите за појадок бираат поевтина варијанта, односно земаат ѓевреци или кифли.
Четврт бурек во главниот град чини од 80 денари па нагоре. Во Охрид четврт бурек се продава од 70 до 110 денари.
„Тој што нема нормално дека му е скапо, а тој што има пари, секогаш ќе купува“, велат од охридска бурекџилница, пренесува Фактор.
Во Гостивар, четвртина бурек обично чинел 100 денари, но можел да се најде и за 90 и 110 денари.
„Скапо им е. За нашиот стандард е скапо. Почесто си купуваат ѓеврече, симит погача, за да испадне поевтино, односно до 50 денари да им се фати трошокот по човек. Порано бурекот бил попристапен и пред 10 години цената беше 40, 50 денари за четвртинка. Има и бурекџилници што се затворија. Бурекот стана луксуз. Ние за да излеземе на крај, намалуваме на грамажа и филот е посиромашен“, велат од бурекџилница од Гостивар.
Во Кавадарци, четврт бурек чини 60 денари.
Анализата на порталот покажува дека, во Пробиштип, четвртинка бурек чини 80 денари. Во Делчево, цената е 65 денари. Во Струмица, за четвртинка бурек треба да одвоите 70 денари. Во Штип, четвртинка бурек се продава од 65 до 80 денари.