Претстојните велигденски празници и продолжениот викенд ќе ја наполнат охридско-струшката ривиера. Исполнетоста на хотелските капацитети се очекува да биде 60 до 70 отсто, а голема е исполнетоста и во приватните сместувања, како и викенд становите.
Поклопувањето на православниот и католичкиот Велигден ќе ги врати и печалбарите во своите огништа, што значително ќе ја зголеми фрекфенцијата на движење во двата крајезерски града.
Според првиот човек на Асоцијацијата на хотелиери на Македонија Крсте Блажески, најмногу резервации имаат од соседството, гости, кои редовно ја посетуваат ривиерата за Велигден.
– Не можеме да кажеме дека се ќе биде максимално исполнето. Очекуваме 60 до 70 отсто исполнетост за Велигденските празници, изјави Блажески за МИА.
За претстојната летна туристичка сезона забележа дека има значително намалување на холандски и полски гости, но за сметка на тоа зголемен е бројот на туристи од Турција, а се поголем е интересот кај Грците, кои го посетуваат регионот најчесто во пролетните денови.
– Генерално ако сме на ниво на минаната година ќе бидеме задоволни. Очекувањата за исполнетост во хотелскиот сектор се како лани, истакна Блажески.
Во однос на очекувањата со изградбата на автопатот Кичево – Охрид, вели дека е неблагодарно да се кажуваат прогнози за автопат кој се гради 12 години, пред да се заврши.
– Многу е неблагодарно да се кажуваат прогнози однапред после 12 години градба на автопат. Многу пати сме слушале давање рокови. Да, се работи на автопатот, штом се работи и ќе се заврши, рече претседателот на ХОТАМ.
Тој посочи дека на гостите кога патуваат им е битно времето за пристигнување до дестинацијата и тоа го гледаат на гугла мапс. Со целосното пуштање автопатот Кичево – Охрди и со изградбата на Гостивар – Кичево, очекува зголемување на ноќевањата за 20-30 отсто.