Поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, која е на патување на Антарктикот, се осмели на таканареченото поларно нурнување и скокна во леденото море.
Деновиве, Колинда Грабар-Китаровиќ е на патување на Антарктикот, заедно со инфлуенсерот за патувања Кристијан Иличиќ, а нејзината најнова фотогалерија привлече големо внимание од јавноста.
За време на нејзиното патување на Јужниот Пол, поранешната хрватска претседателка се одлучи за таканареченото поларно нурнување и скокна во леденото море, што беше снимено на видео, кое брзо стана вирално на социјалните мрежи.
Видеата ја прикажуваат Колинда како скока од бродот во ладното море, со кренати раце и широка насмевка, додека околу неа владее суровиот поларен пејзаж – сиво небо, ледени мориња и тишината на најстудениот континент на светот. Во описот на видеото, таа истакна дека тоа е искуство кое ќе се памети цел живот, нагласувајќи го „вистинскиот поларен карактер“ и храброста потребна за таков потфат.
„Поларно нурнување на Антарктикот – ледено море, минус во коските и насмевка што кажува сè. Не е секој ден да скокате на најстудениот континент на светот“, се вели во описот на објавата.
И додека многу следбеници беа воодушевени од нејзината храброст и енергија, некои коментатори изразија сомнежи за автентичноста на снимката, шпекулирајќи дека станува збор за видео генерирано од вештачка интелигенција. Токму овие реакции дополнително ја разгореа дискусијата на социјалните мрежи, но објавата и визуелниот материјал на Колинда делуваат како уште еден доказ за нејзината склоност кон предизвици и екстремни искуства.
Без разлика дали станува збор за дипломатски патувања или скокање во леденото море на Антарктикот, се чини дека Колинда Грабар-Китаровиќ сè уште не запира со изненадувања – и предизвикува реакции и во реалниот свет и на интернет.