Јувентус го победи Интер во Дерби д’Италија со 1:0. Наполи по 25 коло остана лидер со 56 поени, два повеќе од Интер, додека Јувентус се наоѓа на четвртото место со десет поени помалку од првопласираниот тим во Серија А.
Дербито на стадионот на Јувентус во Торино го реши португалскиот репрезентативец, Фабио Консеисао во 74.минута.
Јувентус во вториот дел успеа да го направи она што на Интер не му успеа во првиот дел, постигна гол во моментите кога беше подобар и ја контролираше играта и ритамот на натпреварот. Гостите во вториот дел од натпреварот не беа ниту бледа сенка на тимот кој доминираше во првите 45 минути.
Фудбалерите на актуелниот шампион имаа три одлични шанси во првото полувреме, еднаш ја погодија стативата, додека во вториот дел немаа ниту еден удар кон голот на извонредниот Ди Грегорио.