Лидерот на српската опозициска Партија на слободата и правдата и пратеник во парламентот на земјата, Драган Ѓилас, доцна синоќа е нападнат од група млади момчиња кои лепеле плакати против него на фасади од згради во Белград, пренесува Н1.
Во инцидентот, исто така, е нападнат и повреден функционерот на партијата, Ѓорѓе Алексиќ, кој по нападот заедно со Ѓилас заминал во белградскиот Ургентен центар на лекарски прегледи во кои на двајцата им се констатирани повреди.
Партијата на Ѓилас на социјалните мрежи објави снимка од инцидентот на која се гледа како опозицискиот лидер им приоѓа на неколку млади момчиња покрај зграда во Белград и ги прашува што прават.
Banditi koji lepe plakate tuku Dragana Đilasa… pic.twitter.com/CFFIOY9naZ
— Stranka slobode i pravde (@SlobodaIPravda) December 19, 2024
Потоа, како што може да се види од снимката, настанува расправија меѓу нив која и покрај повиците на дел од придружниците на Ѓилас за смирување на тензиите прераснува во тепачка.
Лидерот на српската опозициска партија, во изјава за Н1, по прегледот во Ургентниот центар, дадена рано утрово, вели дека групата што го нападнала била предводена од Лука Петровиќ, кој, како што додава, е секретар за инвестиции во Градот и еден од најважните луѓе во владејачката Српска напредна странка (СНС).
Инцидентот, како што пренесува Н1, се случува откако изминатите неколку дена на повеќе места во Белград се појавиле плакати на кои членови на опозициската партија и нејзиниот лидер се претставени како крадци.
„Тоа не беше тепачка. Сигурно не дојдовме ние двајца да се расправаме со десетмина… Дојдовме да ги прашаме зошто го прават тоа, зошто поставуваат плакати кои луѓето ги гледаат и навредуваат некого, за кои со години тврдат дека не се нивни, но – како што гледате – тие се нивни и зад нив стои (Александар) Вучиќ и таа организирана криминална група. Плакати беа залепени и пред неколку години на училиштето каде што одат моите деца. Лука Петровиќ ми кажа дека сум крадец и дека поради тоа ги лепат, а потоа ме удри првпат. Ме удираа неколкупати. Се браневме колку што можевме, но на крајот ме соборија. Ѓорѓе (Алексиќ) се обиде да ме заштити, него повеќе го удираа од мене. Кога заврши целата ситуација, тие си заминаа трчајќи без никаков проблем“,вели Ѓилас во изјавата за Н1 по прегледот во Ургентниот центар.