Најмалку шест возила поминаа на црвено светло во период од половина час и уште десетици други возачи игнорираа да забават на жолто светло. Ова се гледа на видеото направено од ВОА на една од најфрекфентните крстосници во Скопје, кај трговскиот центар „Мавровка“.
Однесувањето на возачите е следено во претпладневните часови во текот на изминатата работна недела. Поттик за овој кус експеримент, како што пренесува ВОА, е револтот што се создаде кај македонските граѓани после неодамнешниот немил настан во кој 22-годишната Фросина Кулакова загина откако беше прегазена од 20-годишниот Васил Јованов на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, како реакција на незадоволството од јавноста од нарушената безбедност во сообраќајот, најави зголемени полициски контроли низ главниот град.
Сепак, во периодот додека е снимано на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“ и додека камерата ги забележувала прекршоците, во близина немало ниту една полициска патрола да врши контрола, ниту пак, да ги санкционира возачите за направените прекршоци.