Еден доктор предупреди на опасностите од прекумерна консумација на газирани пијалоци откако морал хируршки да отстрани дури 35 камења од мочниот меур на пациент. Човекот пиел до три литри газирани пијалоци секој ден.
Бразилскиот уролог д-р Талес Андраде сподели видео на Инстаграм кое досега го гледале повеќе од 8,5 милиони луѓе. Во видеото, тој рече дека „прекумерната консумација на газирани и шеќерни пијалоци“ може да доведе до формирање на камења во бубрезите.
Д-р Андраде покажа сад полн со големи жолти камења што ги отстранил за време на постапката, додека пациентот сè уште бил на операционата маса.
Камењата во бубрезите се калциумови наслаги што се формираат во уринарниот тракт. Тие можат да предизвикаат силна болка, гадење, повраќање, печење при мокрење, па дури и крв во урината.
Доколку не се лекуваат, камењата можат да се движат кон мочниот меур и да предизвикаат сериозни компликации како што се откажување на бубрезите или сепса, опасна состојба каде што телото ги напаѓа сопствените ткива и органи.
Во описот на видеото, д-р Андраде објасни како формирањето на камења е предизвикано од прекумерен внес на шеќер. Газираните пијалоци содржат големи количини шеќер, што го зголемува нивото на калциум во телото, а со тоа и ризикот од формирање камења. Крв во урината, инфекции на уринарниот тракт, чувство на мачнина и повраќање се исто така чести предупредувачки знаци.
Бубрежните камења се јавуваат кај повеќе од 10% од луѓето, најчесто на возраст меѓу 30 и 60 години. Тие се формираат кога штетните супстанции од крвта почнуваат да се таложат и да формираат кристали, кои со текот на времето се стврднуваат и се претвораат во камен.
Повеќето камења се доволно мали за да поминат низ урината. Меѓутоа, кога ќе станат преголеми, потребна е операција за нивно отстранување.