Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во неделата објави дека либанско-американскиот бизнисмен Масад Булос ќе биде висок советник за арапски и блискоисточни прашања.
Трамп ја сподели оваа објава на социјалната мрежа Truth Social. Булос, свекорот на ќерката на Трамп, Тифани, неколку пати се сретнал со арапско-американски и муслимански лидери за време на изборната кампања, пишува Ројтерс. Ова е втор пат во последните денови Трамп да избере член на семејството на еден од неговите зетовци за да служи во неговата администрација.
Во саботата Трамп објави дека го избрал таткото на Џаред Кушнер, Чарлс Кушнер, за американски амбасадор во Франција.
Во последните месеци, Булос водеше кампања за Трамп да ја добие поддршката од либанско-американските и арапско-американските гласачи и покрај фактот што САД ја поддржаа воената кампања на Израел против Хезболах во Либан.
Но, како што пишува Ројтерс, Булос има силни врски и во САД и Либан.
Имено, неговиот татко и дедо биле значајни политички фигури во Либан, додека неговиот зет бил клучен финансиер на Слободното патриотско движење, христијанска партија поврзана со Хезболах. Неговиот син Мајкл и Тифани Трамп се венчаа на раскошна церемонија во клубот Мар-а-Лаго на Трамп во Флорида во ноември 2022 година, по веридбата во градината на Белата куќа за време на првиот мандат на Трамп.