Лишени се од слобода три лица од Кривопаланечко, кои попречувале полициски службеници и вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) при извршување службени дејствија, соопшти полицијата.
Како што наведува полицијата, вчера (02.12.2025) околу 16:00 часот во село Трново, Кривопаланечко, кај место викано „Самоков“, полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка ги лишија од слобода таткото Г.Ѓ.(57) и неговите ќерки А.Ѓ.(30) и А.Ѓ.(22), сите од селото Жидилово, Кривопаланечко.
Според полицијата, тројцата агресивно се однесувале и попречувале полициски службеници при вршење службени дејствија кои давале асистенција на вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство. Исто така, тие ги попречувале вработените во АХВ кои биле ангажирани за собирање на крупен добиток, а упатувале и закани кон неколку соселани.
За настанот е известен јавен обвинител и по негово целосно документирање против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава.