Студентите од Србија, кои подолго време се во блокада против режимот на Вучиќ, ја блокираа зградата на Радио телевизија на Србија (РТС) во Белград и најавија дека блокадата на зградата на јавниот сервис ќе трае 22 часа.
Студентите на социјалните мрежи веднаш по 23 часот објавија дека ги блокирале сите влезови во РТС и дека ќе им биде дозволен излез на сите вработени, но дека „никој не влегува во зградата додека не се ослободи РТС“.
Полицијата физички се судри со некои студенти пред зградата на РТС
Набргу по пресметката, полицијата се собра во комплексот на РТС, а пред зградата се собираат се повеќе граѓани.
Во текот на ноќта се огласи српското МВР. Наведоа дека „како и досега, не интервенирале и нема да интервенираат против оние што вршат блокади, вклучително и вечерва, доколку не дојде до насилен упад во државните институции и зградата на РТС и напад врз полицијата“.
Се огласи и министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ. Тој рече дека полицијата е во зградата на Таковска 10 и дека ќе интервенира доколку некој насилно влезе внатре. Тој рече дека „демонстрантите ја попречиле жандармеријата да влезе во зградата на РТС и дека бил нападнат припадник на таа единица“.
Тој рече дека кога полицијата пристигнала да се распореди на локацијата, дошло до конфликт кој го нарече „вандалски чин“ и дека полицијата не направила ништо за да предизвика реакција.
„Ќе ги погледнеме камерите. Кој го удрил полицаецот ќе одговара“, рече тој.