По три децении постоење, регионалната телевизија Канал ВИС од Струмица ги затвори своите врати, оставајќи го градот без единствената телевизија што информираше за локални и регионални настани. Сигналот е изгаснат веќе неколку дена, а вработените се пријавени во Агенцијата за вработување, пренесува „сдк.мк“.
Телевизијата, која беше една од најстарите во земјата, започна како локална медиумска куќа, а во последните десет години функционираше како регионален сервис. Канал ВИС беше дом на повеќе од десетина новинари, сниматели и технички персонал, но од летово тимот беше сведен на минимум.
Минатата година, Канал ВИС беше купен од струмичката фирма „Синерџи Груп Инженеринг“. Во текот на изборната кампања за парламентарните и претседателските избори во 2024 година, телевизијата доби 125.000 евра од Државната изборна комисија за политичко рекламирање.
Во август 2024 година, АВМУ ја одзеде концесијата на Канал ВИС поради неплатен годишен надоместок и недоволен кадровски капацитет. Иако менаџментот подоцна ги подмири обврските и ја врати концесијата, телевизијата продолжи со минимална програма до ноември. Потоа, вработените добија откази, со три неисплатени плати.
Покрај Канал ВИС, во Струмица своевремено работеа и телевизиите Интел, Телеканал А1, ТВ Струмица и Јул ТВ. Денес, од традиционалните медиуми во општината функционираат само три радиостаници, кои не произведуваат сопствени вести.
Со затворањето на Канал ВИС, Струмица останува без локален телевизиски медиум, што дополнително го осиромашува медиумскиот простор во регионот.