За патување во Венеција, туристите сега треба повторно да платат влез – до десет евра доколку сакаат да поминат еден ден во тој италијански град на јадранскиот брег. Новите правила важат од 18 април до 4 мај, а потоа, до крајот на јули – секој викенд, односно од петок до недела. Од понеделник до четврток влезот е повторно бесплатен, како и во поголемиот дел од годината.
Билетот се плаќа за време од 8:30 до 16:00 часот. Секој што ќе купи карта најмалку три дена пред пристигнувањето плаќа само 5 евра. Гостите кои ќе преноќат во градот се уште не треба да плаќаат влезница, но плаќаат туристичка такса. И децата до 14 години, учениците, студентите и лицата со попреченост се ослободени од плаќање влезница.
Сепак, секој кој доаѓа на екскурзии мора да има билет, кој може да се добие на официјалниот портал на градот Венеција (https://cda.ve.it) и да преземе QR код кој ја потврдува нивната регистрација или ослободување од плаќање. Секој што нема билет ризикува казна до 300 евра, доколку биде фатен.
Во 2024 година, Венеција почна да наплаќа влезници за посетителите кои доаѓаат само за екскурзија. За време на премиерата на овој уникатен модел минатата година, цената беше половина од тоа – пет евра. Во основа, сè работи исто како и минатата година – само што сега се наплаќа почесто и повеќе.
Минатата година, според надлежните, биле регистрирани 485.000 посетители кои платиле влез, со што градската каса е зголемена за повеќе од 2,4 милиони евра. Но, тоа значи и дека голем број посетители избегнувале да платат.
Иако градот живее од туризам, гужвите во одредени денови се толку големи што претставуваат се поголем проблем. Покрај тоа, посетителите кои не преноќуваат оставаат релативно малку пари во градот.