ДУИ да ја слушнат изјавата на претседателот Христијан Мицкоски, да не сеат магла, иако знаат дека во среда нема да се случи ништо, реагира ВМРО-ДПМНЕ по денешната најава на Интегративците дека ќе останат пред Уставниот суд до среда за кога е закажана седницата за Законот за јазиците со цел да стражарат за заштита на јазикот.
„За деталите од денешното сценарио и она што вечерва ДУИ го прави внимателно упатуваме да ја слушнат денешната изјава на премиерот Мицкоски кој јасно ги отцртува нивните намери до последниот аспект. ДУИ на овој начин сеат магла иако знаат дека во среда нема да се случи ништо. И откако нема да се случи ништо ќе треба да кажат дека ДУИ ја спасиле работата. А во суштина протестите се политичарите замешани во криминал од ДУИ против судиите на ДУИ. Нашиот совет е да не мрзнат и да не прават фешти кои се гол ПР. Само треба на СДС да му се јават со кои ја крадеа Македонија“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно денес на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека во среда нема ништо да се случи, а тоа го знаат и ДУИ, како и дека не треба мешање во работите на судот.
Според Мицкоски, ова го прави изолирана група поранешни високи владини функционери од ДУИ за кои постојат основани сомневања за сторен огромен криминал што набргу ќе почне да се обелоденува.
Премиерот рече дека целта на ДУИ е да предизвика етнички поделби.