Возрасна мечка вчера бркала 15 годишно дете во атарот на селото Крапа во Општина Македонски Брод. Детето, кое во тој момент се враќало кон селото со стадото овци, успеало да избега и минало без повреди. Неговиот татко, кој го пријавил настанот во ЦУК, бил многу вознемирен и информирал дека во последната година зачестиле средбите со мечки, односно сè почесто ги гледаат околу нив.
Пред само еден месец, мечка им грабнала заостаната овца при движење на стадото. Алармирал и дека особено последниот месец, мечки се спуштаат во пониските предели, во ливадите кон селото Зрзе, но и во правец на селото Дебреште, а сè почесто се движат и во близина на селото Крапа, околу трлата со добиток.
Од ЦУК информираат дека се известени сите служби и институции во системот за да се преземат безбедносни, хумани мерки за заштита на граѓаните и нивниот имот од можни напади на диви животни.