Инспекторите од ДСЗИ ќе влезат на Клиниката за кардиохирургија да извршат увид во медицинската документација за лекувањето на 59 годишниот пациент Тони Ангелковски, кој почина чекајќи операција со сериозни компликации на аортата.
Од Министерството за здравство потврдија дека вонредниот надзор го наложи министерот Арбен Таравари, откако семејството проговори во медиумите дека Анеглковски бил препраќан од клиника во клиника, но не бил опериран и не го издржал ова здравствено патешествие.
Настанот се случи на 8 април, кога пациентот од болницата „8 Септември“ бил донесен на државна Кардиохирургија со болки во стомакот и градите. По направените иследувања, од Клиниката му соопштиле дека нема слободна сала за операција, а на Торакална хирургија биле расипани апаратите.
Пациентот бил упатен во приватна болница, но и таму ги немале потребните материјали, по што Ангелковски повторно е вратен на Кардиохирургија каде почина.
Од таму потврдија дека од две операциони сали, во функција е само една, но велат немало потреба од итна операција. Сепак, не знаат од што починал пациентот, затоа што семејството не дозволило обдукција, а нивното однесување го оценија како театрално.