Главниот град на соседна Србија за помалку од две недели ќе добие бесплатен јавен превоз. Скопје „е далеку“ од Белград, и во вистинска и во преносна смисла на зборот, пренесува Скопје инфо.
Со оглед на постојаните проблеми со ЈСП-Скопје, иако беше ветено, Скопје нема во блиска иднина да добие бесплатен јавен превоз.
Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, најави дека јавниот превоз во Белград ќе биде бесплатен за сите од 1 јануари 2025 година.
„Од 1 јануари 2025 година целиот јавен превоз во Белград ќе биде бесплатен. Тоа значи дека веќе никој нема да мора да плаќа билет. Нема веќе месечни, годишни или попуст-билети. Со оваа социјална мерка Белград станува единствениот град во Европа со повеќе од половина милион население, кој има бесплатен превоз“, рече Шапиќ на прес-конференција, пренесуваат српските медиуми.
Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, сепак, не го оствари, сличново свое ветување.
– Најавувам дека во следниот буџет веќе го буџетираме бесплатниот јавен превоз за сите граѓани. Ќе биде ставена и оваа одлука пред советниците кога ќе гласаат за буџетот во 2024 година, изјави Арсовска кон крајот на минатата 2023 година.
Не само што нема бесплатен, нема никаков јавен превоз, е најчестиот коментар на скопјани.