Во Берово денеска беа одбележани 24 години од смртта на загинатите бранители во воениот конфликт 2001 година. Свежо цвеќе од страна на повеќе делегации беше положено пред спомен обележјето на бранителите Зоран Бубевски, Никола Пехчевски, Љупчо Мирчовски и Димитар Двојаковски, кое пред 4 години во нивна чест го подигна Општина Берово.
Спомен обележјето е подигнато на иницијатива на претставници од Батаљон за врски Скопје, единицата која го чествува споменот на Зоран Бубевски, а автор е г-дин Кирил Мукаетов од Кавадарци.
Пред присутните беше прочитан краток реферат за нивниот живот и дело и со едноминутно молчење, беше оддадена почит.
-На денешен ден, пред 24 години, имињата на Зоран Бубевски, Никола Пехчевски, Љупчо Мирчовски и Димитар Двојаковски, останаа запишани во македонската историја, како херои, кои го дадоа животот, за нешто поголемо од себе. Застанувајки во редот со Дедо Иљо Малешевски, Димитар Поп- Ѓеорѓиев Беровски, Никола Петров Русински, Леонид Пецовски, Ацо Русковски и многу други херои, бранителите се вградија во континуитет на изградбата на независна македонска држава, чувајќи го вечниот оган, кој ние Беровчани, нивните сограѓани, никогаш нема да дозволиме да избледи, беше истакнато во рефератот во рамки на денешниот настан.
За градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски не постои поголема вредност, поголема доблест, од тоа, да се стави сопствениот живот на браникот на татковината, акт длабоко вткаен во опстојувањето на една држава.
-Во знак на голема почит кон загинатите бранители, во Берово, се преименувани имињата на 4 улици, во нивна чест и тие ќе останат да сведочат за нивната жртва.
Вечна им слава на загинатите бранители и вечен спомен на Зоран Бубевски, Никола Пехчевски, Љупчо Мирчовски и Димитар Двојаковски!, истакна Пекевски.
Свежо цвеќе на спомен обележјето на бранителите положија Делегации од Единиците на загинатите Бранители, од Општина Берово, семејства на загинатите бранители, ОВР Берово, Организација на резервни офицери Берово- Пехчево, Здружение на пензионери и политичките партии.