Во рамки на традиционалната Галичка свадба денеска ќе се одржи венчавката на овогодинешните младенци Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски. Нивната венчавка што ќе се одржи во црквата „Свети апостоли Петар и Павле“ во Галичник, со извршување на вековните свадбени обичаи и обреди, е и централен настан на манифестацијата.
Денот на венчавката, ќе почне со традиционалните обичаи „канење на мртвите“, „канење на кумот“, „бричење на зетот“ и „тргнување по невеста“, како и карактеристичниот обичај на Галичката свадба – „гледање низ прстен“. По испраќањето на невестата и дарувањето, ќе следува венчавањето во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“. Настанот ќе заврши со свеченото испраќање на тапанџиите и зурлаџиите, кое го означува симболично затворање на свадбената церемонија.