Во Струмица вода ни за лек. Шести ден нема абер да се реши проблемот, а граѓаните се снаоѓаат како знаат и умеат. Според градоначалникот Костадин Костадинов денеска енормно било зголемено нивото на манган на влезната вода во филтер станицата, која и понатаму не може да ја преработи и да ги сведе овие параметри во рамки на нормалата.
Костадинов посочува дека ситуацијата со водата за пиење во Струмица станува алармантна и потребен е ангажман на сите институции. Според комуналното претпријатие причина за ваквата ситуација е неповолната хидролошка состојба, односно, водата содржела многу кал и не било возможно да се исфилтрира до ниво на консумација.
Во меѓувреме граѓаните на Струмица и шесте населени места со шишиња, кофи и канти во раце, полнат вода од резервните чешми во градот.
Поставени се 25 апарати во училиштата и детските градинки, а обезбедени се и 25 канистери со вода за пиење кои се распоредени низ улиците на градот.