„Епл“ се соочува со тужба откако вработените во технолошкиот гигант, наводно, биле прислушувани на „Ајфон“ и „Ајклауд“. Тужбата е поднесена до судот во Калифорнија, од вработен по име Амар Бакта.
Бакта работи во „Епл“ од 2020 година, во одделот за дигитален маркетинг и тврди дека вработените морале да го инсталираат софтверот што им бил потребен за работа на приватните телефони. „Епл“ на тој начин добивал увид во нивната електронска пошта, фото галерии, здравствени податоци, систем за паметни домови и слични податоци, кои вработените не секогаш сакале да ги споделат.
Во тужбата се наведува и дека на вработените во „Епл“ со договор им е забрането да зборуваат за работните услови надвор од работното место, па затоа не смеат да се обраќаат ниту на медиумите. На пример, на Бакта не му било дозволено да спомнува како е на работа во подкаст, а од него било побарано да ги отстрани објавите на „Линкдин“ во кои тој се осврнува на ситуацијата во „Епл“.
Затоа, во тужбата се наведува: „Практиките и системите за надзор на „Епл“ се фрапантни и незаконски ја ограничуваат конкуренцијата, слободата на движење на вработените на пазарот на трудот, слободата на говорот и ги спречуваат свиркачите да се појават“.
Жалбата се однесува и на контролата на „Епл“ врз користењето на социјалните мрежи и апликацијата „Слек“, преку која вработените меѓусебно комуницираат, пренесува „Њуз Бајтс“.
Портпаролите на „Епл“ ја отфрлаат тужбата како неоснована и нагласуваат дека вработените во компанијата секоја година поминуваат низ обука на која повторно се запознаваат со нивните права и слободи.
Сепак, ова не е прва тужба на вработени против „Епл“. Од многу слични причини веќе се поднесени три во кои исто така е наведено дека на вработените им е забрането меѓусебно да се жалат за проблеми како родова дискриминација и нееднаквост во платите, а во јуни две вработени жени поднеле тужба токму поради дискриминација со истиот правен тим што го застапува Бакта.